Ресорт Маврово со нови содржини и поевтини сезонски ски карти
Ресорт Маврово, каде денеска падна и првиот снег, целосно се подготвени за новата скијачка сезона. Граѓаните може да ги обезбедат своите онлајн сезонски ски карти по промотивни цени до почетокот на ноември.
Оваа година, за прв пат, Ресорт Маврово пласира нов вид сезонски карти „Зима – Лето“, кои може да се користат за скијање во зима низ целата сезона и за користење на жичарницата во лето. И она што е изненадување за посетителите на Маврово, Ресорт Маврово ќе ја збогати својата туристичка понуда со реконструкција на Трифкова Колиба, преку Проектот за локална и регионална конкурентност, поддржан од ЕУ и од Владата на Република Северна Македонија.
„Со помош на Проектот за локална и регионална конкурентност се направи реконструкција и надградба на постојното бачило Трифкова Колиба. Зголемени се капацитетите на Трифкова Колиба за 4 пати, бачилото има поголема кујна и е проширен за уште еден кат, со убав галериски поглед и излез на пространа тераса“,вели Огњан Циговски, директорот на Ресорт Маврово.




