Магазин
Премиум вина и музичко шоу на прославата на Св. Трифун во „Стоби“
Со литургија, закројување на лозите и богата музичка програма денес во винаријата „Стоби“ беше одбележан празникот Св. Трифун, заштитникот на виното и на винарите.
Голем број претставници од бизнис-секторот, вински витези и советници присуствуваа на целодневната прослава. Настанот почна со молитва, осветување и закројување на лозите, а продолжи со настапи на популарниот бенд „Љубојна“ и трубачот Џамбо Агушев, диџејот Џон Антонио и гудачкиот секстет на Пламенка Трајковска. Гостите ужуваа во концертите и ги дегустираа новите премиум-вина на „Стоби“ кои беа промовирани во декември минатата година. Станува збор за „Акација“, „Аура“, „Аксиос“, „Аминта“, „Вердо“ и „Веритас“ кои го претставуваат „најдоброто од најдоброто“ создадено од стручниот тим на винаријата.
Бериќетна година беше една од желбите споменати во молитвата кон Св. Трифун. Раководниот тим на „Стоби“ пак посочува дека се надева дека 2016-та година ќе биде исто толку добра колку и ланската.






