Занимливости
Светски медиуми пишуваат за екстремните спортови во Прилеп (ФОТО+ВИДЕО)
Прилеп полека, но сигурно, станува Центар за развој на екстремните спортови на Балканот и ја остварува својата цел за развој на овој вид на алтернативен туризам. Еден од тие спортови е болдерингот преку кого Прилеп повеќе пати се најде на страниците на светските медиуми.
Последниот ваков текст за градот под Марковите кули е оној кој пред неколку денови излезе во британскиот двомесечник „Climber“ и кој го промовира Прилеп како источноевропска топ болдер дестинација за сите љубители на адреналинот и искачувањето по карпи.
Инаку Прилеп во последните неколку години, благодарение на големите напори на локалната самоуправа, како и на Спортско качувачкиот клуб „Златоврв“, стана вистинска атрактивна хит дестинација за развојот на овој спорт. Уникатните карпи од вулканско потекло кои се наоѓаат околу Прилеп, особено на локалитетите „Камена Баба“, „Маркови кули“ и „Трескавец“ се едни од најинтересните и единствени вакви предели во светот. Тие станаа вистинска мета за љубителите на болдерингот од целиот свет, кои секоја година во огромен број доаѓаат во Прилеп.






