Ви препорачуваме
ДОНИРАТЕ СО СЕКОЈ ПРЕГЛЕД НА ВИДЕОТО: Хуманитарна акција на Алкалоид со песната „Чукни во дрво“
Уникатна хуманитарна кампања на македонската компанија „Алкалоид“ – секој преглед на преработката и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“ на песната „Чукни во дрво“ значи еден денар повеќе кој компанијата ќе го донира во хуманитарни цели.
Изведувана и преработувана повеќе од 3 децении од сериозни музичари од земјава и од регионот, овојпат довербата за нејзина изведба авторот Влатко Стефановски им ја додели на најмладите. Безвременските стихови и уникатната преработка и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“ ќе добијат и хуманитарна нота.
„Чукни во дрво“, со музика и текст на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, за првпат е објавена во 1989 година, како нумера од последниот студиски албум „Путујемо“ на култната група „Леб и сол“. „Алкалоид“ АД упатува посебна благодарност до Влатко Стефановски за пренесените права за користење на песната. Видеоспотот ќе биде поставен на дигиталните канали на „Алкалоид“ АД (YouTube, Facebook и Instagram). Од 10 јуни до 20 септември 2021 година, по повод својот 85 – годишен јубилеј, компанијата за секој преглед на видеоспотот ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.



