#ПромовирајДомашно
Македонија и Албанија заеднички преку искуствениот туризам се развиваат во регионот
Македонките Јасминка Поповска од Струга и Катерина Василевска од Охрид се креаторките на Genuine Experiences, поточно жени кои сакаат на локалните или интернационалните туристи во Македонија и соседна Албанија да им овозможат незаборавни искуства.
На нивната платформа имаат над педесетина локални занаетчии, домаќинки, спортисти, водичи, професионалци од различни области, од Охрид, Струга, Битола, Демир Хисар, Дебар, Ресен, Скопје, Пешкопеја, Мат, Булкизе, Дибра, кои им ја дадоа довербата, ентузијазмот и им дозволија да ги трансформирааат нивните вештини, знаења, преточени во автентични искуства наменети за туристи.
„Одржливиот туризам е иднината на земјава. Ако сакаме да имаме вода за пиење, чист воздух, намалување на отпадот треба да знаеме дека единствената опција ни е принципите на одржливоста да бидат стандарден неодминлив дел во секоја туристичка понуда. Тоа значи дека, уништувањето на планините со тури со џипови треба да е забрането, а не да биде извор на приходи на некои од националните паркови и со нивно одобрување – спроведувано. Едноставно човекот не може бесконечно многу да се шири и да зазема простор од природата туку мора за се да има граница, за да има за сите. Како ние го решаваме тоа преку нашата понуда? Нашите искуства се рурални и урбани. Нудиме искуства со пешачење, со велосипеди, со кајаци“ истакнува Јасминка Поповска, проект менаџер.








