МК Сцена
Авангардниот Кин и виртуозот Коен вечер на Скопскиот џез фестивал
По синоќешното отворање со концертите на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер и меѓународно реномираниот тромбонист од Италија Џанлука Петрела, Скопскиот џез фестивал вечер во МОБ продолжува со настапи на германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.
Во полноќниот термин, пак, во „Сити хол“, гостува џез-секстетот „Melt Yourself Down“, во кој членуваат неколкумина најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија.
Коен се наметна на џез-сцената како дел од секстетот „Origin“ на Чик Кореа, од 1996 до 2003 година. Беше значаен дел од њујоршката сцена каде соработуваше со Рави Колтрејн, Џошуа Редман, Даниел Перез,… Во неговата, како што ја нарекуваат, молскавична кариера издаде 15 албуми, здобивајќи популарност што ги надминува вообичаените рамки на џезот.




