МК Сцена
Бота-Николиќ: Сонував да добијам награда на „Браќа Манаки“
Богат ден во прес-центарот на фестивалот со промоција на гостите од речиси сите програми. Кинематограферот и режисер Божидар-Бота Николиќ, кој во саботата навечер ја прими наградата „СЕЕ камера“ за особен придонес во балканскиот филм, не ја криеше радоста што бил награден на фестивалот „Браќа Манаки“, признавајќи дека пред неколку години кога учествувал на фестивалот со филмот „Животот е убав“ на Бора Драшковиќ, си замислувал дали некогаш би добил награда за животно дело.
-Јас очекував награда и за тој филм, ама не добив. Па си реков, како ќе добијам за животно дело, кога не можам да добијам „Златна камера“. Ме радува што во последните десетина години преку фестивалот се гледа дека се менуваат работите во филмската индустрија во регионот и дека го надминавме мрачниот период по распаѓањето на Југославија – рече Николиќ.
