МК Сцена
Два концерта на „Дуке и пријателите“ викендов во Скопје
Композиторот, пијанист и продуцент со меѓународна кариера Дуке Бојаџиев вечер во Метрополис арена во Скопје ќе одржи концерт „Дуке и пријателите“ организиран од „Авалон продукција“. Поради голем интерес од публиката, продукцијата утревечер организира уште еден концерт.
Ќе гостуваат пријатели и соработници на Дуке: гитаристот Влатко Стефановски, пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистите Матијас Кунзли од Њујорк и Костас Анастасијадис од Грција, придружувани од камерен оркестар под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.
Концертот ќе биде 10-ти во серијата концерти на Дуке и проширена верзија на концертниот проект „Сон. Верба. Љубов“, кој минатата година тој го изведе во Македонија и со кој во октомври настапи во познатата Карнеги хол во Њујорк. Концертот е спој на фрагменти од музика што ја создал за македонски филмови, композиции од албумот „Љубовта е патот“ кои се комбинација од авторска, филмска музика и изворно македонско творештво.




