Музика
Емели Санде на отворањето на јубилејниот ЕГЗИТ фестивал!
Еден од најпосакуваните женски вокали и во моментов водечката светска соул и ар-ен-би пејачка Емели Санде (Emeli Sandé), ќе настапи на 9. јули на отворањето на јубилејното 15. издание на „Егзит“ фестивал на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.
Британската ѕвезда со замбиско потекло, е сопственичка на три синглови од првото место на светските топ листи и најпродаваниот европски албум во 2012. и 2013. година, надминувајќи ги и Адел, „Арктик Манкис“ и Бруно Марс! Со оглед на тоа дека албумот се задржа дури 64 недели во првите 10 на листата на најпродавани, Санде и официјално го собори рекордот кој повеќе од 50 години го држеа „Битлси“!
Наградена со три БРИТ и три МОБО награди, покрај бројните признанија на угледните списанија како што се „Ел“, „Кју Магазин“ и „Харперс Базар“, 28-годишната кантавторка е добитничка и на две престижни Ивор Новело (Ivor Novello) статуетки за исклучителна композиторска работа. Емели Санде отвора посебна програмска целина на овогодинешниот „Егзит“ која ја сочинуваат авторите на најслушаните песни во современата популарна музика како што се и „Клин Бандит“ (Clean Bandit), Џон Њуман (John Newman), Том Одел (Tom Odell), Милки Ченс (Milky Chance), Хардвел (Hardwell), Мартин Гарикс (Martin Garrix) и Оливер Хелденс (Oliver Heldens), ред имиња од првите места на светските топ листи, а кои лично ги пишуваат своите песни и зад кои не стојат тимови од професионални композитори и текстописци.




