МК Сцена
Џијан Емин и Хуан Аткинс ја воодушевија публиката и во Грузија!
Музичкиот уметник, диригент и композитор Џијан Емин, на 23 август настапи на отворањето на првото издание на фестивалот „Echo Waves“ во Анаклија, Грузија, заедно со познатиот американски диџеј и автор Хуан Аткинс и „Алтер“ симфонискиот оркестар составен од музичари од Националниот оркестар на Грузија и од Националната опера. Концертот во Грузија всушност, се случи по настапот на ова креативно дуо во Античкиот театар во Охрид, кога на 2 август ја воодушевија македонската публика заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Џијан Емин првпат гостуваше во Грузија, а тамошниот фестивал на своето прво издание донесе повеќе од 150 врвни уметници од електронската светска музичка сцена. На нова локација, покрај топлото Црно Море, со нова и поинаква музика, фестивалот „Echo Waves“, односно неговата програмска концепција беше оценета како нешто најдобро што му се случило на овој туристички град.
„Добивме покана да настапиме на овој фестивал кој за првпат се организира во Анаклија, Грузија, на прекрасна локација на самата плажа на Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на 5 различни сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот кој е поддржан од владата на Грузија, а која очигледно се грижи за квалитетот на животот на своите граѓани преку реализирање на ваков тип на фестивал кој според рангот на учесниците слободно можам да го карактеризирам како светски“, вели Џијан Емин.






