Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ФАНК ШУИ: „Херои или антихерои – ние сме тука со вас, сѐ помудри и поваши од кога било“

ФОТО: СТЕФАН РАЈХЛ

Интервју

ФАНК ШУИ: „Херои или антихерои – ние сме тука со вас, сѐ помудри и поваши од кога било“

Во ерата на изместени музички вредности со кои се соочува не само балканската туку и светската музичка сцена, (секако, чест на исклучоците), бендот „Фанк шуи“, иако со години постои на музичко поле, секогаш наново изненадува со своето творење, перформирање и стамена издржливост на „закржлавената“ музичка сцена.

Различни еден од друг, а заеднички автентични во своето битисување, со својот исклучителен талент и константната работа на својот израз, со умешно комбинирање на различни ритмови, „Фанк шуи“ го разгоруваат интересот и на слушателите и на медиумите на целиот Балкан. Сега, пред талентираните и уникатни момци стои нов предизвик. Заслужено.

Вие сте своевидни „македонски музички херои на новото време“, а пред вас сега се отвора, да речеме, една нова музичка епоха. На 20 јануари 2022 ќе имате свое онлајн шоу (поради нивните локални рестрикции поради пандемијата), во рамките на најголемиот европски шоукејс фестивал „Еуросоник“. Што претставува тоа за вас?

– Логичен тек на настаните, воедно чест и задоволство. Херои, антихерои, како и да милувате, ние сме тука со вас, сѐ повисоки и помудри и поваши од кога било.

„Еуросоник“ има кредибилитет на „клучно скалило“ во кариерите на многу музички ѕвезди, меѓу кои на Џејмс Блејк, Франc Фердинанд, Адел, Стромае, Мамфорд енд Санс, Дуа Липа, Аурора, Вајт Лајс… Какви се вашите очекувања по настапот на овој фестивал? Дали тоа ќе ви помогне да се вивнете во светското музичко небо?

– Среќата ни е главен резервен играч, кој досега нѐ служи колку што ние упорно и несебично се трудиме да ја расееме на секој кој нѐ слуша. Нашите светови се пред колапс, пропаѓаат авионски карти, на слаби карактери им се рушат соновите, на глумците им паѓаат маските, на музичарите им се губат нотите во кофи од неизвесност, слатководни риби пропливуваат во океани и океанските манири почнува да ги собира во Црн Дрим и слични реки.

Небото, да… небото.

ФОТО: Немања Ѓорѓевиќ

Како дојде до оваа ексклузива, да земете учество заедно со повеќе од 200 музички артисти кои пред интернационалната публика ќе се претстават со свои концерти? Сигурно вашето досегашно музичко битисување оставило силен впечаток на познавачите на добриот звук од светски ранг?

– Природно, работната етика порано или подоцна е препознаена. За жал на креативните генијалци тоа е тоа што ги катапултираше „Фанк шуи“, за среќа на упорните и конзистентните, музика е професија како која било друга. За наша среќа не е ниту едното од двете.

Уште со самиот ваш пробив на музичката сцена, го свртевте вниманието и на публиката и на музичките критичари. Што е тоа што ве двои од другите, што ве прави единствени на музичкото поле, каде што, би можеле да кажеме дека публиката веќе „видела и слушнала сѐ“?

– Никако. Ништо не слушнала публиката сѐ уште. За наш пробив сѐ уште немаме слушнато иако на истиот посветено и макотрпно работиме веќе десеттина лета. Се надеваме дека ќе се пробиеме наскоро.

Нумерата „Метеори“ во 2020 година стана вистински хит во регионот, дури ниту регионалните медиуми не останаа имуни, па наголемо пишуваа дека е една од најпопуларните песни. Годинава бевте актуелни со синглот „Не Време“… Се најдовте помеѓу деветте финалисти номинирани за „HEMI Music Award“ – програма наменета за талентирани музички изведувачи за развивање меѓународна кариера… Дали сте изненадени од овие успеси или сѐ се одвива по некоја логичен редослед?

– Чиста логика. И љубов. И отвореност кон универзумот, Скопје, Македонија пошироко.

ФОТО: Стефан Рајхл

Вие сте еден од најпрогресивните музички бендови кај нас. Иако мошне млади, вашата музика незапирливо трасира значајно музичко достигнување и на домашната и на меѓународната сцена. Што ни подготвувате следно?

– Благодариме на убавите зборови. Повеќе регионалната отколку меѓународната, за сега. Подготвуваме албум, турнеи, настапи, самостојни концерти, интервјуа, забави, инспирации, музика, аеродроми, џунгли, јахти, стамени бранови за сите деца кои даваат вода, се станати од вода, стануваат Воден, носат лавини или водат лава.

Секој музичар има некој идол и своја неостварена желба која се стреми да ја реализира. Кои се ваши музички идоли и неостварени желби на музичкото поле?

– Имаме краткорочни желби кои се стремиме да ги реализираме фокусирано. Сите заедно придонесуваат за тој логичен тек за којшто зборуваме. Идоли немаме, а нѐ инспирираат сите околу нас.

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.