Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: „Мојот галички инает ќе победи во борбата за похуман живот“

Интервју

ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: „Мојот галички инает ќе победи во борбата за похуман живот“

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: „Мојот галички инает ќе победи во борбата за похуман живот“

Се вратив од Амстердам после четири години со цел да направам позитивна промена во родниот град. МојГрад е платформа за директна демократија, преку неа правиме мост на комуникација меѓу граѓаните и локалната/градската самоуправа.

Знам дека преку ноќ нема да се сменат работите, но бројни мои истомисленици ми ја подгреваат мотивацијата дека сепак, на крај ние ќе успееме, вели за „Популарно.мк“ младиот скопјанец Горјан Јовановски, еко-активист, програмер и креатор на познатите мобилни апликации и платформи за чиста и хумана животна средина и за позелена планета.

Јавноста ве познава по неверојатниот ентузијазам преточен во активизам за создавање услови за подобар начин на живот во земјава, секако Скопје е вашиот фокус. Колку време ви беше потребно од првиот ваш чекор во сферата на активизмот до моментната точка – увереноста дека следува време на надеж и напредок во постепена реализација на еко-визијата?

– Уште од мали нозе бев учен да сум активист, од моите родители. Можеби не на конвенционалниот активистички начин, но преку позитивни примери. Се сеќавам дека една Нова година моите одржаа лотарија со подароци за децата без родители во Домот „11-ти Октомври“, на која јас требаше да ги давам подароците на сите деца и да научам дека треба да помагам во општеството. Мислам дека поради нив, а и поради бројни примери на активисти во и надвор од Македонија, почнав да работам на ова поле. Секогаш треба време, јас седум години работам на МојВоздух, но имам тврда галичка глава и не се откажувам од целта за почиста и позелена планета.

Објаснете ги и на нашите читатели суштината, но и придобивките од новата платформа МојГрад, пред да преминеме на пречките и на предизвиците кои други ги испречија пред оваа благородна граѓанска платформа.

– МојГрад е платформа за директна демократија, преку неа правиме мост на комуникација меѓу граѓаните и локалната/градската самоуправа. Секој граѓанин (засега на Скопје, а потоа и на другите градови), преку МојГрад може да поднесе предлог за подобрување на неговиот град. Тоа барање се гласа и се коментира од другите корисници на платформата.
Пред секоја седница на Советот на Град Скопје, трите најгласани барања од граѓани, советничката од нашата група Драгана Велковска ги поднесува на дневен ред на Советот, со цел да се гласа за нив.

Сите корисници може преку платформата да го следат статусот на барањата и да знаат во кој стадуим тие се наоѓаат.

На седница на Советот на Град Скопје одржана на 27 мај беа одбиени трите најгласани предлози од платформата МојГрад, со чудно образложение дека градот веќе работел на темите! Вие нормално дека не запревте со напорите, напротив, продолживте пожестоко. Сепак, што мислите, зошто кај советниците, кои се најповикани, изостанува слухот за позелен град за живеење?

– За жал, според начинот на гласање (гласови кои рачно мораше од screenshots од Зум-состанок да ги вадиме, бидејќи не се објавуваат од Градот), гледаме дека советниците претежно гласаат по партиска линија, бидејќи се гледаа трендови на гласовите и од позицијата и од опозицијата.

Тие советници се одбрани од граѓаните и треба да ги слушаат граѓаните, наместо да останат глуви на нивните барања, а да ги следат агендите на нивните соодветни матични партии. Ако Градот навистина работел на овој проблем, зошто тогаш толку граѓани гласаа за тие предлози да се стават на дневен ред?

Сметате ли дека со наближувањето на локалните избори ќе се „избрише“ и очигледната отсутност на политичка и граѓанска одговорност на советниците за заложбите од платформата и за предлозите на граѓаните?

– МојГрад како платформа дозволува да се има историски увид во предлозите, нивниот исход и во гласањето за истите. Сакаме транспарентно да им покажеме на граѓаните кои пратеници ги слушаат нивните барања, а кои не. Само со отворени податоци, граѓаните ќе може да направат вистински избор на претстојните локални избори.

Неодамна преку социјалните мрежи информиравте дека има 31 активен предлог на граѓаните на Скопје за похуман, позелен и поубав град. Во меѓувреме, дали се прошири листата и со каков вид на предлози граѓаните се вклучуваат во приказната за својот град?

– Во моментот има 35 активни предлози на платформата, од поставување градски компостари во секоја општина, преку отстранување на хаварисани возила од градските паркинзи, до создавање зелени детски градини во основните училишта. Граѓаните најдобро знаат што е тоа што им фали и добиваат идеи од останатите корисници на платформата. Токму затоа, преку заедничка дискусија и гласање, може да се дојде до предлози што најмногу ќе направат позитивен импакт во нашиот град.

Креатор сте и на апликацијата AirCare (МојВоздух), а значаен е вашиот придонес и во регионалната еко-кампања „Обединет Балкан за чист воздух“. Дали во приоритетите е зелената агенда на надлежните за Западен Балкан и постои ли волја и акција за да се „растргне“ отровниот облак од нашиот регион?

– Сите земји од Западен Балкан го потпишаа Зелениот договор од Софија, со кој се обврзаа многу посериозно да работат на проблемот со аерозагадувањето и климатската криза. За жал, голем напредок на тоа поле не гледаме. Да, во 2021 дишеме почист воздух од 2020, но многу фактори како што се ковид-кризата и временските услови не се гледаат во тие анализи што се публикуваат од државните институции како „успеси“. Јас ќе бидам првиот да викам браво и да покажувам дека нешто навистина драстично имам постигнато (иако секогаш има мали победи што вредат да се поздрават), но мислам дека има уште мнооогу пат да се изоди, пред да го тргнеме отровниот облак од нашиот регион.

Дали препреките кои ви се испречуваат на патот што одамна почнавте да го одите за својот град ја нагризуваат вашата мотивација или, пак, тоа создава посилна артикулација на крикот – крај на безмилосното загадување на животниот простор на граѓаните!

– Знаете како велат, прво ќе ве игнорираат, па ќе ви се смеат, па ќе ви се спротистават, ама на крај ќе победите. Тоа ја движи мојата мотивација. Знам дека нема преку ноќ да ги смениме овие работи, но знам дека не сум сам во борбата! Огромен број на граѓански организации, здруженија, активисти вработени во државните институции, се борат за позелена и похумана иднина, не само на Скопје, туку на цела Македонија. Јас се вратив од Амстердам после четири години, со цел да направам позитивна промена тука, и мојот галички инает нема да дозволи тоа да не се оствари :)

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.