Интервју
СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ: И после десет години во Шпанија кога ќе си дојдам дома зборувам кумановски
Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, последниве неколку месеци беше еден од спортистите за кои најмногу се пишува во шпанските медиумите. Муабетите почнаа уште есента. Димитриевски одбрани пенал на Барселона, па каталонскиот клуб почна преговори за да го ангажира, но трансферот не успеа.
„Бев многу блиску до потпишување договор, ама ете, работите не завршија како што посакувавме. Јас имам уште две години договор со Рајо, но сега почнува сезоната на трансфери, па ќе видиме што ќе се случи до крајот на летото“, вели Столе и не крие ни дека сака да брани во голем клуб за да игра на европски натпреварувања.
Од кога памти за себе, фудбалот му бил најголема љубов. Па кога го прашавме за детството во Куманово, вели: „Станував, играв фудбал, одев во школо, пак фудбал, пред да си легнам, фудбал, тоа ми се некои сеќавања“.




