Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ: „Со душа чекам да запеам за сите нас на Евросонг“

ФОТО: МАРТИН ТРАЈАНОВСКИ

Интервју

ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ: „Со душа чекам да запеам за сите нас на Евросонг“

Помина точно една година од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Година која цела планета ја стави во големи искушенија и предизвици. Музичката индустрија претрпе и трпи големи загуби и промени, и е принудена да се одвива по сосема поинаков терк. Во таа смисла, и многу престижни фестивали беа ставени на голем тест – дали ќе опстанат и во какво руво ќе се одржуваат во иднина. 

Истата судбина ја доживеа и престижниот фестивал Евросонг, кој, на жалење на многумина, лани беше откажан. Во 2020 требаше да нè претставува нашиот познат пејач Васил Гарванлиев, но пандемијата не го дозволи тоа. За среќа, годинава, ќе имаме можност да уживаме во извонредниот вокал на Гарванлиев, кој ќе ги брани боите на нашата земја на евровизиската сцена.

Настапувањето и претставувањето на матичната земја на престижниот Евросонг претставува своевидна круна во музичката кариера на секој пејач на овие простои, и пошироко. 

Гарванлиев во ексклузивното интервју за „Популарно.мк“ открива како ја создал евровизиската песна, која порака ќе ја испрати преку „Here I stand“ и што очекува од настапот… Популарниот пејач остана „закопчан“ за тоа каков стајлинг и кореографија подготвиле за големата евровизиска сцена.

„Here I stand“ е насловот на евровизиската песна со којашто Васил Гарванлиев ќе нè претставува на 65-тото издание на Евровизија во мај во Ротердам. Васил, мелодијата и текстот се ваше автобиографско дело?

– Да, песната и текстот ги напишав јас. Давор Јордановски и Борче Кузмановски се аранжман и продукција, а Владимир Ботев е нашиот оркестратор. Песната се снимаше во живо во студиото „Fames“, а вокалот го снимав во студиото на Анѓел Ќосев. Прекрасен тим за соработка со победнички дух. 

Како никна нумерата „Here I stand“? Дали песната е своевидна ваша животна музичка разгледница? Кои ваши животни периоди се мотив, постулат да ја создадете песната, или, пак, се издвојува некоја посебна случка која ви оставила најсилен печат, трага?

– Минатата година кога се откажа натпреварот бев многу погоден, си реков КОНЕЧНО ми дојде шансата, но со ковид-19 за една секунда сè се промени. Не бев депресивен, затоа што сите поминавме низ истата ситуација, но не можев да ги потиснам емоциите кои ги доживеав во тој момент. Се сеќавам дека седев дома, на кревет, со синтисајзерот во скут, почнав да свирам и пеам, насолзен… и цела песна „истече“ од мене (буквално). Во тој момент не знаев дека токму оваа ќе биде песната за Евросонг, но бев сигурен дека имам една прекрасна и искрена мелодија и порака која еден ден ќе ја искористам. Многу сум благодарен што токму таа песна се изгласа за Евросонг 2021. Не постои поголема чест со автобиографско дело да се претставиш на таков голем фестивал. 

Евровизиската песна е полна со емоции, кои сигурно ќе допрат до широкиот аудиториум. Дали носи и некоја порака, која токму вие сакате да ја пренесете преку „Here I stand“?

– Да. Ова е песна за детето во сите нас кое многу често го забораваме. За сите порази и победени битки, за сите кои успеавме да ја зачуваме насмевката. За сите кои, покрај сè, најдовме причина да застанеме на нозе. 

Васил, Вие сте познат како изведувач кој дава сè од себе, кој максимално се внесува во пеењето и доловувањето на неверојатна експресија на сцена. Што ќе ви биде најсилниот адут на евровизиската сцена?

– Да застанам пред сцена сам, да ги погледнам сите в очи и искрено да раскажам зошто Here I stand. 

Вие сте единствениот наш претставник кој едноподруго ќе ја претставува нашата земја на Евросонг. Деновиве сведочиме дека некои земји веќе избраа нов изведувач што ќе ги претставува, додека некои одлучија да ги претставуваат изведувачите избрани од лани. На што се должи ова?

– На својот телевизиски сервис. Огромна благодарност до МРТВ што ми ја даде повторно шансата да ја претставам Македонија на Евросонг, на некој начин обесправени беа сите кои лани требаа да учествуваат на овој фестивал, а оваа година ќе бидат заменети со нови. 

На два месеца до одржувањето на Евросонгот, сигурно поминувате низ виор од емоции, возбуда, но и своевиден притисок? Како се справувате, на што  најмногу се концентрирате?

– Теретана, јога, медитација и мојот животен тренер (life coach) Тања Брковска која ме приземјува со едноставни и искрени прашања, без шминка. Смирен сум. Подготвен сум. Со душа чекам да запеам за сите нас.

Организаторите одлучија вие директно да ја претставувате нашата земја во Ротердам, според усвоените протоколи за заштита од ковид-19. Како ќе изгледа настапот во време на пандемија, кога мора да има физичка дистанца, редуциран капацитет на публика? Дали имате „бек ап“ план во случај да дојде до несакани промени во последен момент?

– За мене настапот ќе биде магичен дури и во празна арена. Таква ни е песната годинава. Настапот ни е подготвен, и ако дојде до најлошото предвидено сценарио го имаме веќе снимен „back up“ настапот, кој беше услов оваа година за секоја земја. (Го снимавме заедно со групата „Hurricane“ во студијата на РТС, во Белград)

Какo ќе изгледа Вашиот настап? Дали подготвувате специјална кореографија, каков ќе биде вашиот стајлинг?

– Ќе видите на 18 мај. За сега ви оставам неколку имиња: Јелмаз Дервиши, Раде Василев, Тине & Мари, „Signori“. 

Ќе ги браните боите на нашата земја, што е само по себе единствен и горд предизвик и искуство. Какво е чувството да се претставува својата земја пред европскиот аудиториум и дали имате големи очекувања на Евросонг?

– Да, имам. Многу сум горд што ќе се преставам во најискрено светло што за мене е лична победа, но и победа за сите нас. Затоа што, кога јас ќе се преставам како што знам дека можам најдобро, сите ќе блеснеме во таа прекрасна црвено-жолта боја како што треба! 

За секој уметник најголемата поддршка е кога неговата публика ќе застане зад него. Си докажавме себеси досега дека кога сме сплотени заедно можеме и ќе успееме. Се надевам и верувам дека ќе имаме моќен настап, а со бројките во моментот, искрено не обнувам внимание. 

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.