Интервју
Влатко Стефановски од Сокобања: „Редовно одам на летни концерти низ Балканот“ (ИНТЕРВЈУ)
,,Уметноста не трпи инерција, музиката треба слободно да дише, баш како што се дише чистиот воздух во Сокобања” – ќе каже виртуозот Стефановски.
Во петокот, во 23 ч на платото пред Милошев конак и Ирски паб во Сокобања, музичката легенда Влатко Стефановски, омилен и препознатлив ширум Балканот, прв пат одржа концерт во Сокобања, местото кое во минатото го посетувале познатите книжевници Бранислав Нушиќ, Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, Исидора Секулиќ, Стеван Сремац, но и многу Македонци уживатели на бањскиот туризам, па порано Сокобања ја нарекувале Македонска Бања.
Восхитувачки беше што публиката ги знаеше наизуст сите текстови од култните македонски песни, но и да фати ритам на седум осмини.
Сцената зрачеше од харизма, ореол кој се шири и отвора над сите, со синестезија од музичко искуство и енергична младост. На сцената Стефановски го придружуваа неговиот син Јан Стефановски, кој на 18 години веќе е виртуоз на тапан и Иван Кукиќ на бас гитара, кој во разговорот спомна дека е пресреќен што на 22 години свири крај својот музички идол од кого има што да учи.






