Интервју
Зоки Фаци: По операцијата од канцер долго не можев да ги прифатам лузните на телото
Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, со години важеше за еден од најконтроверзните естрадни новинари. Иако се повлече од телевизија, тој и понатаму привлекува внимание на социјалните мрежи, но и со јавните препукувања со луѓето од естрадата. Неодамна откри дека се оперираше од рак и ова речиси скроз му го смени животот.
„Кога ми кажаа дека имам тумор, отидов во црква да се помолам. Од ногата ми извадија канцер од 750 грама. На почетокот не можев да си ја гледам лузната. Ми требаше долго време да ја прифатам и да се навикнам на неа“, искрен е Зоки за болеста.
На почетокот се повлекол во себе. Комуницирал само со неколку луѓе, меѓу кои и Лила Филиповска, која му била голема поддршка. Вели поминал лесно, без хемотерапија и две недели по операцијата веќе бил на нога. Мирот оттогаш го наоѓа во куќата во Катланово, која му ја остави починатиот татко, ама мир наоѓа и покрај коњите во клубот „Бравадос“ каде што доаѓа често.




