Сцена
„Киненова“ продолжува да наградува европски филмски режисери, но и да поддржува македонска кинематографија: Улрих Зајдл и Гоце Цветановски на „Киненова“
-Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на многу филмски фестивали со своите необично креативни документарци кои до коска ги соголуваат неговите протагонисти и проговоруваат за тривијалноста и хипокризијата на западното општество, начинот на кој тоа општество ги гради своите стереотипи и како ни ги наметнува. Добитник е на многу награди, но истата година кога ја добива наградата на жирито во Венеција, во 2001 година, ФИПРЕСЦИ во Братислава го наградува со награда за филмот „Dog Days“, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на МФФ Киненова, претставувајќи го годинашниот лауреат.
Зајдл проговори за тоа како наместо свештеник станал режисер, и им порача на младите режисери најпрво да ја запознаат околината, па потоа да се определат за оваа професија.






