МК Сцена
Клаудија Кардинале е лауреат на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светскaта филмска уметност на „Браќа Манаки“ 2018
На втората прес конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, која се одржа денеска во Центарот за култура во Битола, директорката Гена Теодосиевска го објави името на добитничката на Специјалната Златна камера 300 за особено придонес во светскта кинематографија – големата италијанска и светска актерка Клаудија Кардинале. Таа ќе пристигне во Битола на отворањето на фестивалот кога ќе и’ биде доделена наградата.
„Се заложив на фестивалот да донесам едно значајно име од филмската уметност, филмска дива која е се’ уште активна и со голем успех се појавува во поновите европски, но и холивудски проекти, актерка на која фестивалот во Кан, минатата година, и’ оддаде почит ставајќи го нејзиниот лик на фeстивалскиот плакат“, рече Теодосиевска.
Таа информираше дека подготовките за фестивалот се одвиваат нормално и за разлика од минатата година без поголеми стресови и непријатни ситуации, како што било случај во минатите две години, за што се заблагодари на Агенцијата за филм и на Горјан Тозија. Теодосиевска ја потенцираше соработката со Центарот за култура – Битола, Музеј и галерија Битола, Народниот театар и Историскиот Архив во Битола.





