МК Сцена
Легендарниот хип хоп диџеј Џези Џеф доаѓа во Скопје
По повод 14 години постоење SureShotz Entertainment, а во соработка со Младинскиот културен центар, во Скопје ќе гостува еден од најквалитетните хип хоп диџеи и продуценти на сите времиња Џези Џеф, кој доаѓа во рамки на светската турнеја “Where you add” и на која како специјален гостин му се појавува американскиот МС Рајм Фест – познат по соработката со Кање Вест.
Настанот е закажан на 22 октомври (понеделник) во Денсинг салата на МКЦ со почеток од 21 часот. И ако за миг помисливте дека понеделник не може да биде убав ден за излегување, мало потсетување – 23 октомври е неработен ден.
Џези Џеф е еден од оние диџеи чие име прво ви паѓа на памет кога помислувате на хип хоп и забава во исто време. Оваа легенда на хип хоп културата е родена пред 53 години во Филаделфија, каде на 10-годишна возраст за прв пат се среќава со магијата на грамофоните. Поради својата младост, на почетокот на кариерата работел како “bathroom dj”, забавувајќи ја публиката во локалните клубови, кога resident диџеите оделе на пауза во тоалет. Тоа за него не претставувало проблем, бидејќи го користел секој момент да работи на својата техника.





