Музика
Најголемиот светски хедлајнер за 2019-та пристигнува – The Cure конечно на Exit!
Еден од најголемите бендови во историјата на популарната музика конечно пристигнува на EXIT (Егзит)! Откако годинава го распродадоа „Хајд парк“ во Лондон за 65.000 посетители, неодамна одекна ширум светот и веста дека рок-гигантите The Cure (Д Кјур) следната година заминуваат на јубилејната и можеби последна турнеја по повод неверојатните 40 години постоење на бендот.
Славниот „Гардијан“ по повод овој голем јубилеј наведува дека во прашање е музичкиот состав кој „протатни низ 80-тите онака како што Битлси протатнија низ 60-тите или Боуви низ 70-тите, диво креативни, менувајќи се постојано“, додека култниот „Ен-Ем-И“ нивниот неодамнешен концерт го опишува како „чиста перфекција“ на голем рок бенд кој е „на врвот од својата вештина“, нарекувајќи ги „Божествени гении“.
The Cure следната година ќе биде апсолутен хедлајнер на мал број европски фестивали, па продажбата на билетите за првите објавени датуми за 2019-та вивна во рекорден рок. На лично инсистирање на бендот, EXIT, актуелниот носител на европската шампионска фестивалска титула, се најде меѓу одбраните фестивали, па на задоволство на публиката од целиот регион The Cure за прв пат во Србија и регионов ќе настапат на 4-ти јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.




