МК Сцена
„Д Фестивал“ заврши со најуспешното издание досега! (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Вчера утрото заврши деветтото одлично издание на Д ФЕСТИВАЛ, единствениот летен музички фестивал во земјава кој се одржува во Дојран.
Во повеќе од три дена, започнувајќи од петокот, 12-ти јули, па сѐ до вчера, до осум часот наутро низ фестивалските порти на Д ФЕСТИВАЛ поминаа околу 30.000 посетители кои пристигнаа од 15 земји, остварувајќи го новиот рекорд на Фестивалот со најуспешното издание досега!
Дека ова е најмасовната едиција на Д Фестивал, беше наговестено уште на т.н. нулти ден односно во четвртокот, на 11-ти јули кога традиционално се отвора фестивалскиот камп, а кој годинава заблеска во полн сјај и капацитет и пред официјалниот старт на програмата. Огромниот интерес кој го предизвика Д Фестивал резултираше и со исполнетост на целосниот капацитет на сите бини и зони на фестивалот, кои пак ја донесоа и најобемната програма досега, со шест музички бини и над 20 фестивалски зони за програма која се одвиваше буквално без престан во изминатите три дена.





