
МК Сцена
Љупчо Соколовски: „Јубилеј во знак на големи ѕвезди, а ревијалниот дел резервиран за Сузана Спасовска“
Големиот јубилеј, 30 години „Охрид фест“ го дочекувате како и минатата година, на позиција – уметнички директор на Фолк вечер. Претпоставувам, продолжува вашата заложба на фестивалот да се чуе старатата охридска песна, да доминираат мандолина, тамбура, кларинет…
-Да, како минатата така и годинава, како уметнички директор на Фолк вечер на „Охрид фест“ целта ми е се да е на високо ниво, уште подобро од лани, кога според многу компетентни критичари и новинари од музичката фела добивме позитивни критики дека фестивалот е еден од најдобрите за 2022 година.
Да потсетам: имаше доста наши квалитетни музички звезди кои се претставија со навистина квалитетни песни. Годинава сум уште поинспириран бидејќи го имаме големиот јубилеј, 30 години траење на фестивалот. Се е како што треба: ќе настапат еминентни имиња од фолк сцената, вистински ѕвезди: дуети, Наум Петрески и Лилија Семкова, Тања и Новица, потоа Зуица Лазова, Благица Павловска, Душко Георгиевски, Перо Христов, Петар Нечовски, ансамбл „Билјана“, Катерина Танева и група Сарај, Нино Величковски.., и секако ќе им дадеме шанса на дебитантите. Песните што ќе се разлеат од Долни Сарај на 1 септември се во духот на охридскиот мелос, можеби во помодерни аранжмани но сепак ќе биде запазен звукот на мандолината, тамбурата, кларинетот и виолината. На сите учесници им посакувам успешен настап.




