Младиот Петар Петковски од „Фамилијата Марковски” со престижна номинација на Сараевскиот филмски фестивал
Младиот актер Петар Петковски кој ја толкуваше улогата на Бојан во македонската ТВ-серија „Фамилијата Марковски” доби престижна номинација на Сараевскиот филмски фестивал кој ќе се одржува од 13 до 21 август.
Тинејџерот кој се бореше против социјалните неправди и минуваше низ младешките предизвици со бунтовност и храброст во овој ТВ производ, е номиниран за наградата „Срце на Сараево” во категоријата „Ѕвезда во подем”. За признанието ќе се „борат” и регионалните глумци Александар Димитријевиќ за серијата „Клан”, Ивана Зечевиќ за „Група”, Јана Бјелица за „Фамилија” и Каја Шишмановиќ за „Црно-бел свет”.
Сараевскиот филмски фестивал, што оваа година ќе го има своето 27-мо издание, за првпат ги воведува наградите за ТВ серии, со цел промоција на најдобрите регионални ТВ серии и нивните автори и актер(к)и. Шеснаесет ТВ-серии од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Словенија, кои биле премиерно прикажани од 01.09.2019 до 31.05.2021 година, се номинирани за наградите„Срца на Сараево” што ќе се доделат во шест категории: Најдобра драмска серија, Најдобра комедија, Најдобар креатор на серија, Најдобар актер, Најдобра актерка и Sвезда во подем.




