МК Сцена
„Од рајот“ е духовита алегорија на христијанството, раскажува три приказни што се преплетуваат во период од 35 години
Првиот дел од снимањето на филмот „Од рајот“, кој се работи по сценарио и во режија на Срѓан Драгојевиќ, е успешно завршен, а екипата што девет дена работеше на локации во Скопје заминува задоволна да го продолжи снимањето во Србија.
Станува збор за филм што се снима во голема регионална копродукција во која Агенцијата за филм на Република Северна Македонија учествува со 12 проценти од вкупниот буџет на филмот. Продуцентската куќа „Сектор филм“ од Скопје, односно продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска со режисерот Драгојевиќ, сценографката Јелена Сопиќ, главните актери Ксенија Маринковиќ и Горан Новојец, сценографката Јелена Сопиќ и српската продуцентка Биљана Првановиќ на денешната прес-конференција што се одржа во хотелот „NEXT DOOR PARK HOTEL“ зборуваа за своето искуство од снимањето кај нас и открија детали за приказната на „Од рајот“.
Продуцентот Анастасов, кому ова му е втора соработка со Драгојевиќ по филмот „Парада“, кој ја освои наградата од публиката во програмата Панорама на Берлинскиот филмски фестивал, вели дека му е особено драго што овој прилично комплексен филм, и во продукциска и во креативна смисла, почна со снимање во нашата земја.






