МК Сцена
СПОЈ НА КЛАСИЧНАТА МУЗИКА И ВИЗУЕЛНОТО ВОЛШЕПСТВО: Утревечер 3Д спектаклот „ГРУВ“ во МОБ
Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ кој ќе се одржи утревечер со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет.
Уникатноста на овој концерт е во спојот на музиката и визуелното волшепство, па така искуството на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти од единствениот Милчо Узунов кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.
На сцената како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.




