Музика
„Бело Копче“ ви носат на подарок сопствен… „Сувенир из Сарајева”
Најголемиот рок ен рол бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, во 2022 година доби своја македонска верзија, откако група наши музичари го започнаа проектот: „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“!
Освежувајќи ни ги емоциите токму како своевиден Tribute бенд, чии членови буквално не само што во тон ја симнале музиката на оние, кои веројатно биле и нивни идоли, туку се трудат и физички што повеќе да личат на оригиналните членови на Дугме. И во изгледот со помош на мејкап, перики, разни маски и во облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, симнувајќи го секое движење, секој гест, секој изговорен збор на „главните јунаци“ од нивната рок ен рол приказна кои тие ги „глумат“ на сцената.
Оттогаш наваму прераснаа во најпознатиот македонски трибјут бенд, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, кој заедно со денешната постава во која покрај нив уште се и Горан Гешовски (бас), Борислав Драганов (клавијатури) и Емил Милев (тапани), постојано имаат бројни настапи и тоа не само низ Македонија, туку и надвор од неа.






