Маестралната светска ѕвезда АНДРЕ РИУ пристигна во Скопје!
Вечерва (четврток, 6-ти јуни) со почеток во точно 20:00 часот, во Вип Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската публика ќе има ексклузивна можност да биде дел од величествениот концерт на светската музичка ѕвезда АНДРЕ РИУ!
Мегапопуларниот диригент и виртуоз на виолина, АНДРЕ РИУ ширум светот прославуван како современиот „Крал на валцерот“ заедно со својот 60-член Оркестар „Јохан Штраус“ и уште 20-тина гости музичари кои ќе го придружуваат на сцената, но и тим составен од повеќе од 50 професионалци кои се грижат за продукцијата и техничката реализација на концертот, веќе пристигнаа во Скопје за неговиот премиерен настап во Македонија.
Несомнено еден од најпопуларните интернационални музичари на нашето време е секогаш синоним за вистински концертен спекткл. Андре Риу секаде ширум светот настапува пред 600,000 публика годишно, надминувајќи ги дури и супер-ѕвездите како Бруно Марс, Еј-Си/Ди-Си или Риана. А концертите на Андре Риу се огномет од емоции. На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични мелодии, како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.




