Настани
Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечерва ќе настапи на престижниот фестивал „Софиски музички недели“ во Бугарија
Македонскиот камерен оркестар Профундис вечерва ќе настапи на престижниот фестивал „Софиски музички недели“ (Sofia Music Weeks) во Софија, Бугарија. Овој фестивал на класичната музика, со традиција од 55 години, е познат по својата извонредна програма и високи уметнички стандарди.
По серијата успешни меѓународни гостувања на фестивалите Котор Арт, Раванелиус и гостувањата во Нови Сад, Белград и Италија, Профундис за првпат ќе има чест да се претстави пред публиката во Софија.
– „Многу сме возбудени и со задоволство ја прифативме поканата да настапиме на фестивалот „Софиски музички недели“. Вечерашниот концерт е посебен за нас, не само поради репертоарот, туку и поради можноста да споделиме музика со нашите пријатели и колеги од Бугарија. Верувам дека ова ќе биде незаборавна вечер за сите нас.” – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.



