„Музика на два метри“ за старт на новата сезона на Филхармонија
Новата сезона на Филхармонија почнува в четврток (20 часот) со концерт симболично насловен „Музика на два метри“ на кој ќе прозвучи антологиското дело за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер. Како солисти ќе настапат тенорот Корби Велч (САД) и мецосопранистката Хајке Веселс (Германија). Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф диригент на Филхармонија.
—Исклучително сме среќни што по неколкумесечна пауза повторно се враќаме на сцена. Почетокот на сезона беше навистина тежок, но откако ги изработивме протоколите за заштита можеме конечно да почнеме, во строгоконтролирани услови кои ќе обезбедат заштита и на музичарите и на публиката. Како што веќе ве информиравме ќе се продава 30 отсто од капацитетот на големата сала или околу 300 билети – вели директорот Виктор Илиески.
Во рамките на конференцијата за печат беше исто така најавено новото повеќегодишно спонзорство на Филхармонија со НЛБ Банка и Мастеркард кое ќе донесе нови можности за соработка и подигнување на квалитетот на музичката програма и воопшто работењето на оваа реномирана институција.




