МК Сцена
„Охридско лето“ во знакот на 58-от роденден
Фестивалот „Охридско лето“, најголемата музичко-сценска манифестација во Република Македонија и препознатлив белег на македонскиот културен идентитет во целиот свет, денеска одбележува 58 години од своето постоење.
Пред да се пресече роденденската торта, директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска на прес-конференција потсети на почетоците на фестивалот и изрази огромна благодарност кон неговите основоположници.
-На овој ден со огромна благодарност ја славиме незаборавната оперска дива Ана Липша Тофовиќ која му дари многу љубов но и вечност на сега најголемата манифестација кај нас. Горди сме што ја имаме привилегијата да го продолжиме патот на високите критериуми и богатата традиција. Приказната на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години, рече директорката Вренцовска.




