МК Сцена
Отворањето на Мајските оперски вечери со премиера на „Евгениј Онегин“
Со премиера на операта „Евгениј Онегин“ според поемата на Александар С. Пушкин, музика на Петар Илич Чајковски и во режија на Дејан Пројковски, на 9 мај во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 44. Мајски оперски вечери.
На програмата на годинашниот фестивал се 15 настани, од кои десет за возрасна публика, а пет се во придружната едукативна програма Мали мајски оперски вечери.
Како што соопшти директорот на Операта Сони Петровски денеска на прес-конференција, во 10-те претстави за возрасни се пет опери во шест изведби (зашто премиерата на „Евгениј Онегин“ ќе има и реприза на 11 мај): „Риголето“ на 17 мај (со гости од Италија, Мексико, Косово и Бугарија), „Хофманови приказни“ на 24 мај (со гости од Полска, Австрија, Уругвај и Чешка), „Турандот“ на 26 мај (со гости од Италија, Австрија и Украина) и Вердиевата „Аида“ (со гости од Хрватска, Италија, Казахстан и Јапонија) – со која традиционално на 31 мај се затвораат Мајските оперски вечери. Годинава во насловната улога ќе настапи сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова.




