МК Сцена
Пет имиња за старт на Моден викенд (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 го отвори заедничката ревија на Роберт Ивановски поддржан од „Arthurs“ и дизајнерката Евгенија Зафировска вчеравечер во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје.
Дизајнерот Роберт Ивановски за својата најнова колекција „The garden of earthly delights“ вели дека е инспирирана од познатото дело “Градината на земните задоволства” на Хиеронимус Бош од 16 век, кое сега е сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид. „Тоа е модерна, урбана колекција со отпечатоци од сликата во комбинација со црна ткаенина.“, додава Ивановски.
За колекцијата „Архитектура во движење“ Евгенија Зафировска ќе рече „Веќе некое време сум импресионирана од архитектурата и мојата инспирација за оваа колекција е Кензо Танге, јапонски архитект кој го обнови мојот роден град Скопје. Преку изработка на колекцијата се приближив до најблиската врска помеѓу архитектурата и модата, создавајќи 3D-структури и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење. Резултатот е современа уникатна колекција, препознатлива и уникатна, базирана на корисни, иновативни рачни техники и
материјали.“




