Музика
Глобалните ѕвезди од лондонската сцена, DISCIPLES настапуваат на Д ФЕСТИВАЛ!
Ова лето во Дојран нѐ очекува осмото издание на Д ФЕСТИВАЛ кој и годинава подготвува атрактивна музичка програма со која од 6-ти до 8-ми јули ќе бидат исполнети Фестивалските денови со повеќе од 60 изведувачи чии концертни настапи ќе се одржуваат на вкупно четирите бини на Фестивалот.
Од единствениот вистински летен музички фестивал кај нас нѐ делат едвај 100 дена, а листата на музички гости на Д ФЕСТИВАЛ 2018 секојдневно се исполнува со нови имиња, па со најновиот бран на потврдени изведувачи во неа се запишуваат: светската електро-денс атракција, славното лондонско трио DISCIPLES (Дисајплс) кое на 7-ми јули ќе настапи на главната бина, но и новите изведувачи на Mosquito Stage, одличниот словенечкиот бенд KOALA VOICE (Коала Војс) и актуелниот победник на Лузер фест, скопскиот бенд CONSPIRACY (Конспираси).
Веќе традиционално, Д ФЕСТИВАЛ на својата главна сцена ги претставува најактуелните ѕвезди од новата светска сцена, од кои повеќето и за прв пат се претставуваат пред македонската публика токму на Д ФЕСТИВАЛ. Во таа листа на изведувачи, со спектакуларни настапи во Дојран досега се запишаа дел од најпопуларните состави на денешницата како Сигма, Вилкинсон и Рудиментал. Оваа низа овој јули продолжува со потврдениот настап на светскиот музички феномен, лондонското трио DISCIPLES кое директно од светските денс топ листи ќе ги донесе своите бројни хитови на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ. Лондонското трио Disciples „експлодира“ на светската сцена со хитот „How Deep Is Your Love“ изработен во соработка со славниот Келвин Харис. По синглот кој во моментов надминува милијарда прегледувања на „ЈуТјуб“, ги препозна и поддржа и легендарниот Пит Тонг од Би-Би-Си, по што со молскавична брзина се пробија на највисоките позиции на сите релевантни светски топ листи. Членовите на триото Дувал, Лук Мак и Гавин Кол самите ја пишуваат, пејат и продуцираат својата музика, а истакнато место на листите им оствари еден од најслушаните синглови во 2017-та, „On My Mind“!




