МК Сцена
ПИН 2018 – меѓународна музичка конференција во Скопје
Во одбележувањето на големиот јубилеј на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кој годинава го прославува своето 20-то издание нѐ очекува и новото издание на ПИН музичката конференција!
Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал годинава ќе се одржи по петти пат, од 29-ти ноември до 1-ви декември, а токму со овој настан во Младинскиот Културен Центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“!
ПИН, како еден од најзначајните проекти во кој ТАКСИРАТ и Пасворд Продакшн го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси, е настан кој во државава ги собира сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји.




