МК Сцена
ПИН КОНФЕРЕНЦИЈА: Таткото на Дуа Липа и кремот на европската музичка индустрија доаѓаат во Скопје!
Во четврток, 29-ти ноември во Скопје почнува официјалната програма на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, со меѓународната ПИН музичка конференција која во Македонија ќе ги собере најважните луѓе од европската музичка индустрија!
Овој настан, Таксират го организира по петти пат и што е најважно за публиката, и годинава со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за целосната програма. А во рамки на програмата, покрај дневните панел-дискусии и можноста за средби, споделување искуства и дружење со над 100 странски делегати, публиката ќе има прилика да погледне и 25 концерти на влијателни македонски изведувачи и значајни претставници на новата европска музичка сцена. ПИН конференцијата почнува во четврток, а ќе се одржува и на 30-ти ноември и 1-ви декември во Младински Културен Центар, Скопје.
Работен јазик на конференцијата е англискиот, но традиционално Таксират го резервира првиот ден од ПИН за македонскиот панел посветен на најгорливите теми за културната сцена кај нас, годинава под наслов „Љубов ли е ова или панаѓур?“. На оваа средба ќе имаме ретка можност за дебата помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата, а теми колку сакате: конкурси, културни простори, касетна продукција, Креативна Европа, наичин на функционирање… Во петокот и саботата на ПИН, панел-програмата ќе опфати важни теми за оваа индустрија како што се: патот до успехот на меѓународната сцена, влијанието на технологијата и дигитализацијата врз музиката, инстант-ѕвездите, вистината зад вредноста на фестивалите, општествената важност на електронската музика, малите земји на глобалната сцена, улогата на државата и т.н.




