МК Сцена
Почнува 38. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола
Со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско – македонската копродукција „Насоки“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, вечер во Битола ќе почне 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Организаторите информираат дека подготовките за гала отворањето во Центарот за култура во Битола се завршени и оти градот се полни со љубители на филмот.
Според програмата, пред проекциите на филмовите, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот ќе му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на францускиот кинематографер Пјер Лом. Вториот добитник на наградата за животно дело, италијанскиот кинематографер Џузепе Ротуно заради својата возраст не дојде во Македонија.




