МК Сцена
Почнува третиот фестивал на дебитантски филм „Киненова“
Осум филма се во натпреварувачката селекција на 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, кој под мотото „Првиот никогаш не се заборава“ ќе се одржува од денеска до 10 октомври. Фестивалот ќе биде отворен вечер од 20 часот во кино „Милениум“ со македонска премиера на „Ругање на Христос“ – дебитантски игран филм на режисерот Јани Бојаџи.
Тој е меѓу осумте филмови во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.
Според селекторот Игор Анѓелков, било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што има многу дебитанти кои, како што рече, храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.




