Деловски и Томи Тасев со прва заедничка песна, германски лејбл ги поддржа македонските музичари
Riot е првата заедничка песна на македонските диџеи и продуценти Деловски и Томи Тасев. Песната, која е во издание на продуцентската куќа Smthngelse од Германија, веќе е промовирана на Spotify, iTunes и сите поголеми стриминг платформи во светот.
„Идејата за Riot се роди лани во ноември. Најдов предобар машки вокал, кој веќе го испеа текстот и решив да направам песна базирана на вокалот. За кратко време ја имав првата демо верзија на песната. Бидејќи сакав да направам мали измени во текстот, го исконтактирав вокалистот, а тој ми одговори дека има потпишано ексклузивен договор со продуцентската куќа што ги издава неговите вокали и дека не смее да прави измени на испеаното“, вели Деловски.
Тој потоа демото му го испратил на Тасев и заедно решиле да најдат македонски пејач кој би ја испеал песната онака како што тие ја замислиле.




