EXIT со порака за регионот: Повторно обединети го враќаме животот во живот!
Пред точно 20 години, првото меѓународно издание на ЕГЗИТ Фестивалот за прв пат, по бурните деведесетти, на едно место собра голем број на млади од сите краеви на регионот – Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.
Се обновија тогаш многу пријателства, но воспоставен беше и голем број нови, кои, во следните години, секој јули ритуално беа продлабочувани на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. ЕГЗИТ така стана излез за сите оние кои сакаа да градат некои нови односи во регионот.
Ова лето, по повеќе од 15 месеци пандемиски рестрикции, забрани за собири, неможност за патување, отуѓеност едни од други, повторно бараме излез, но овој пат на глобално ниво. Бараме повторно да бидеме заедно, бидејќи меѓучовечкиот контакт е исконска човекова потреба, без која животот не може да се замисли. Благодарение на успешната програма за масовно вакцинирање во Србија и драстичното подобрување на епидемиолошката ситуација, ЕГЗИТ ќе биде еден од првите големи фестивали во светот кои ќе се одржат ова лето. Тимот на ЕГЗИТ по повод ова издание, го лансираше видеото наменето за луѓето од нашиот регион, кое ги повикува сите повторно обединети да го вратиме животот во живот, и да му ја покажеме на светот силата на сѐ она што нѐ поврзува – силата на слободата, радоста, љубовта и единството.




