Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Шофр: Многу сум среќен во Македонија

МК Сцена

Шофр: Многу сум среќен во Македонија

На денешната прес-конференција што ја одржаа „Браќа Манаки“ и парнерот Вип оператор беше претставен третиот лауреат на наградата за животно дело „Златна камера 300“  – познатиот чешки кинематографер Јаромир Шофр. Тој вчера одржа мастер-клас и работилница во Битола.

На мастер-класот годинашниот лауреат и неговиот колега Марек Јиха, кој е претседател на Асоцијацијата на чешки кинематографери, се фокусираа на чешката кинематографија. Во рамките на работилницата тие го презентираа методот на дигитализација и реставрација на филмовите во Чешка наречен ДРА, кој е под контрола на снимателите.  

За неговата величина и заслуги не само за чешката, туку и за европската кинематорафија воопшто, зборуваше уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски.

Тој потсети дека Шофр на неколку нивоа е поврзан со фестивалот. Како генерациски другар на режисерот Јиржи Менцел, добитник на Специјалната „Златна камера 300“, но и дека самиот Шофр во 2007 година доби „Златна камера 300“ за филмот „Му служев на англискиот крал“. Во 2000 година беше и претседател на интернационалното жири на „Браќа Манаки“.

Лауреатот зборувајќи за своите импресии од повторното враќање во Македонија рече:

-Многу сум среќен овде. Се воодушевувам од вашата земја која се повеќе напредува од година в година, а омилен ми е вашиот Александар Велики.

Шофр раскажа дека ја почнал кариерата кога со првата дама на чешкиот нов бран, Вера Хитилова го снимиле дипломскиот филм „Таван“. Вториот филм го снимил со познатиот чешки режисер Карел Кахиња, а веќе третиот го снима со Менцел со што почнува нивната заедничка соработка во уште 10-тина филма.  Токму за нивната прва соработка „Строго контролирани возови“ ја добија наградата „Оскар“.

-Менцел беше и сеуште е традиционален тип. Тој инсистира на совршено сценарио, совршена приказна, совршена фабула, разбирливо за секого. Неговото најголемо задоволство е да предизвика задоволство кај гледачите. Освен еден, соработувавме заедно на сите негови филмови – објасни Шофр.  

IMG_1997

Тој откри дека од почетокот бил инспириран од францускиот нов бран.

На програмата денеска беше и прес-конференција со директорот на фотографија Владан Радовиќ на италијанскиот филм „Црни души“ („Anime nere”), којшто беше прикажан вчера во рамките на официјалната програма на фестивалот.

Куновски најави дека ова е трета филмска соработка на Радовиќ со режисерот Франческо Мунѕи. Филмот лани беше еден од лауреатите на Венецискиот филмски фестивал и на годинашниот фестивал во Бари беше прогласен за италијански филм на годината од страна на критиката.

Кинематограферот, кој е родум од Сараево, нагласи дека прв пат во Битола бил како студент на 13. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

-Тоа беше една голема шанса да изгледам многу од најдобрите некогашни југословенски филмови. Во Битола беа присутни и директорите на фотографија на тие филмови кои во голема мера беа и сеуште се моја инспирација. Ние се храневме од нивното светло. Многу сум среќен што после 25 години ме повикаа повторно да се вратам во Битола како гостин од главната програма – рече Радовиќ.

Тој нагласи дека имал среќа да се запише на Римската академија за филм каде ги научил сите тајни на занаетот од најголемите италијански кинематографери.

Третата прес-конференција за денеска беше резервирана за бугарскиот филм „Жената на мојот живот“, во кој копродуцира Македонија, на режисерот Андон Дончев и директорот на фотографија Иван Тонев. Филмот беше прикажан синоќа во рамките на програмата „СЕЕ Камера“.

Модераторот Саша Станишиќ го најави како специфичен и интересен филм, чија приказна се случува во четири земји на три континенти. Станува збор за копродукција меѓу Бугарија, Македонија, Романија и Ирак. Филмот е всушност љубовна приказна за двајца емигранти од Ирак и сниман е со три различни снимателски техники.

-Многу филмови ја третираат темата имиграција и бегалци. Ние не сакавме да биде тоа политичко гледиште на темата, туку човечкото гледиште, моќта да се опстане во оваа политичка ситуација. Комуникацијата околу продукцијата одеше тешко бидејќи станува збор за многу земји, особено со Блискиот Исток. Но имавме среќа што го почнавме проектот пред војната, поточно пред четири години – рече Тонев.

На присутните им се обрати директорот на фестивалот, Димитар Николов, кој даде кратко резиме за 36. издание. Тој потсети дека фестивалот годинава траеше 10 дена, дека од годинава беа воведени две нови програми и дека имаше многу активности надвор од програмата кои му дадоа живот на градот во фестивалските денови.

-Во изминатите 10 дена во кино салите имавме над 17.000 љубители на филмската уметност. Тоа е исклучително добра бројка, која ни дава надеж  дека го погодивме вкусот на публиката и дека успеавме да ја вратиме публиката во кино салите – изјави Николов.      

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.