Шоубиз
Џеф Безос ги демантираше вестите за венчавката од 600 милиони долари во Аспен
Основачот на Амазон Џеф Безос ги демантираше гласините дека ќе се ожени со својата вереница Лорен Санчез на раскошна церемонија по Божиќ. Во странските медиуми се прошири веста дека Безос наскоро се жени во Аспен и тој се огласи по повод овие гласини.
На социјалната мрежа X, Безос реагираше на написот на „Њујорк пост“, кој пак го цитираше британскиот „Дејли мејл“, во кој се тврди дека тој и Санчез ќе разменат свадбени завети во сабота на 28 декември во Аспен и дека големата прослава ќе чини 600 милиони долари.
„Целата оваа работа е целосно лажна – ништо од ова не се случува. Старата поговорка вели, не верувајте во сè што ќе прочитате, а денес таа е повистинита од кога било. Сега лагите можат многу брзо да го обиколат целиот свет. Затоа, бидете внимателни и не бидете лековерни. Ќе биде интересно да се види дали сите медиуми што ја пренесоа оваа вест ќе ја поправат кога денот ќе дојде и ќе помине и ништо нема да се случи“, напиша тој.






