МК Сцена
„Скопје Стрит Мјузик фестивал“ ќе потсети дека добрата музика треба да е достапна за сите
Скопје. Улица. Музика- трите зборови кои во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува од 21-ви до 24-ти јуни на седум различни локации во градот. Skopje Street Music Festival 2018 ќе потсети дека добрата музика треба да е достапна за сите.
Со концепт кој го нуди годинава, целта е, на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа, градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Воедно, Skopje Street Music Festival го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали.
За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни. На отворен простор, а не во концертна сала ќе може да се видат најразлични инструменти како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон.




