МК Сцена
Со светската премиера на филмот „Лазар“ вечерва започнува фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола
Со светска премиера на филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, вечер во Центарот за култура во Битола свечено ќе биде отворен 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе трае во наредните десет дена под мотото „Филмот е убав“.
На свеченото отворање ќе им бидат врачени наградите „Златна камера 300“ на почесните добитници – специјални награди за особен придонес во филмската уметност на познатите актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков и награди за животно дело на кинематограферите Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. Третиот добитник на признанието е Јаромир Шофр, кому наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27 септември.
Наградите на годинашните лауреати вечер во Битола ќе им ги врачат претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој е и покровител на фестивалот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Битола Владимир Талески, а публиката ќе ја поздрави новиот директор на ИФФК, Димитар Николов.




