МК Сцена
ВЕЧЕРВА БЕЛА НОЌ ВО СКОПЈЕ: Богата програма и бесплатен автобуски превоз до раните утрински часови
Традиционална манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи вечер во Скопје. Во рамки на богатата програма најавена од организаторите на повеќе локации во градот ќе се одржат концерти, изложби и улични перформанси.
Во Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност и Младинскиот културен центар ќе биде поставена голема изложба на американски „Поп-арт“. Станува збор за лепеза од повеќе од 100 графички дела, од Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист. Од МКЦ потенцираат дека делата на поп-артистите пред се` упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила. Поп-артот е инспириран од дадаизмот за да дозволи хуморот, иронијата и критиката да бидат дел од нивните дела како вид уметничка стратегија.
Во 21 часот на Плоштадот „Македонија“ ќе се одржи звучно-светлосен перформанс на француската спектакл-трупа „Compagnie des Quidams“. Трупата е формирана пред 22 години, и досега има гостувано во повеќе од четириесет држави на повеќе континенти. Compagnie des Quidams ја сочинуваат дваесетина уметници од театарот, музиката, циркусот, останати сценски изведувачки уметности… Во „Бела ноќ“ ќе настапат со нивната последна продукциска претстава „FierS ? Cheval“.




