МК Сцена
ВИНО СКОП: Петдневна магија која го претвора Скопје во град со убава енергија
Десет години фестивалот Вино Скоп го пишува стартот на есента во Скопје. Убава музика со греано вино во ладните есенски ноќи се совршен начин да ги поминете фестивалските денови на Вино Скоп, кој годинава се одржува од 28-ми до 2-ри октомври на плоштадот „Мајка Тереза“ во Скопје.
За тоа дали на скопјани им стана традиција да го посетуваат фестивалот, што ќе можете да се напиете оваа година и многу повеќе ни одговори Тина Мицковска, дел од организацијата која напорно работи за фестивалот да биде беспрекорен.
– „Скопјани, но и сите други добронамерни патници и жители на Скопје го сметаат Вино Скоп за предвесник на есента. Од сите манифестации на кои работам сметам дека Вино Скоп е најградската, најомилената. Есента веднаш асоцира на гроздобери, на правење вино, веќе се заладува, па убаво е да се згрееме со две-три чаши добро македонско вино. На овој фестивал редовно ги гледам најубавите, најнасмеаните луѓе во градот. Има некоја магија која овие пет фестивалски денови Скопје го претвора во град на убава енергија, некако забораваме на сите проблеми и максимално се опуштаме со најдобрите македонски вина.“ – вели Тина.






