Останато
ФОТО: Македонија го одбележува Меѓународниот ден на спортот
Со реализација на неколку активности денеска Република Македонија го одбележува 6 Април – Меѓународниот ден на спортот. Годинава одбележувањето на овој голем ден доби и социјална димензија при што во организацијата беа вклучени и дечињата од „Домот за деца без родители 11 Октомври“.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески заедно со македонските спортски легенди Индира Кастратовиќ, Игор Стефановски-Иџе, Благоја Георгиевски-Буштур, Атанас Николовски и Вели Мумин, ги посетија се дружеа со децата од Домот. Потоа во спортската сала „Македонски Херои дечињата практикуваа традиционални игри и спортови. Се одржа и ревијален фудбалски натпревар помеѓу студентите од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и децата од Домот.
– Тоа беше и нашата цел, одбележувањето на денот на спортот да има и социјална димензија преку спортување, дружење и играње да се зајакне социјалната инклузија во македонскиот образовен и спортски систем на децата без родители, и да се мотивираат и охрабрат дека еден ден и тие може да станат студенти или професионални спортисти и да ги остварат своите соништа. Општо познато е дека спортот има моќ да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер играта, принципи кои особено денес им се најмногу потребни на сите чинители во нашето општество, изјави Спасески.

