Ракомет
ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонија пропушти шанса за поволен резултат против Полска
Ракометната репрезентацијата на Македонија синоќа пропушти голема шанса против домаќинот на Европското првенство Полска да го освои првиот бод. На средбата одиграна во Краков, пред 15.000 гледачи, Полјаците славеа минимална победа со 24:23, иако македонските ракометари уште еднаш, како што тоа беше случај во првиот меч против Франција, не само што беа рамноправен туку во најголемиот дел од мечот и подобар тим од домаќините.
Агресивни во одбраната и сконцентрирани во нападот избраниците на Обрван на полувремето заминаа со два гола предност (13:11). Сепак, во вториот дел Полска го искористи исклучувањето на Ацо Јоновски па со серија од 3:0 дојде и до предност (16:15). Во продолжение на мечот двете селекции тешко постигнуваа голови, па во 55.минута домаќинот и натаму имаше гол предност (22:21).
А, тогаш на сцена стапи домашниот голман Славомир Шмал, кој одбрани неколку клучни удари, на нашите ракометари, за во нападот неговите соиграчи да реализираат па со серијата од 3:0, Полска во на две ипол минути до крајот, дојде до највисоката предност од четири гола (25:21). Но, и тогаш црвено-жолтите не се откажаа, па со головите на Прибак, Лазаров и Миркуловски, намалија на гол негатива, кој во последните секунди можеа и да ја анулираат. Но, договореното на тајм-аутот кој го побара Обрван не се спроведе на дело, па изнудениот удар на капитенот Лазаров во последната секунда не ја погоди целта.






