Останато
На 8-ми мај Скопје ќе биде домаќин на најмасовниот и најпосетениот Виз Ер Скопски Маратон досега
Ни остануваат уште 31 ден до најпопуларната и најмасовната спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски Маратон, кој оваа година се одржува на 8-ми мај по повод Денот на Европа, истакнаа говорниците на денешната прес- конференција за медиуми што се одржа во ЕУ Инфо центарот.
На прес -конференција присуствуваа амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав, Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски Маратон, претставници од Град Скопје и претставници од Агенцијата за млади и спорт.
– Очекуваме 12. издание на Скопскиот маратон да биде најмасовно, како и најпосетено досега. Бројката до денеска e 4.500 пријавени учесници, а има уште еден месец и еден ден до почнување на маратонот. Постојаното зголемување на бројот на учесници се должи на тоа што секоја година се зголемува бројот на љубителите на трчањето во нашата земја, но радува фактот што се зголемува и интересот на странските учесници, бидејќи од година во година работиме на подобрување на квалитетот на маратонот во секој поглед, како организациски, така и содржински и се обидуваме да ги следиме сите трендови во маратонското трчање. И оваа година Скопски маратон е под покровителство на Град Скопје, Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Главниот спонзор Виз Ер, како и минатата година, така и оваа, на сите пријавени маратонци им доделува вредносен ваучер во износ од 20 евра за некој од нивните летови. Она што ќе се случува пред маратонот е Женска трка која ќе се одржи в недела, во 10 часот во Градски парк во Скопје кај Школка. Станува збор за трка која од година во година се здобива со голема популарност, а и бројот на жените кои учествуваат е сè поголем, односно очекуваме да учествуваат околу 1.000 жени. Оваа година трката ќе биде на 2км и ќе има натпреварувачки карактер, на најдобрите во неколку возрасни категории ќе им доделиме и медали и дипломи, а ќе се организира и лотарија за сите учеснички, изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски Маратон.

