Спорт
Победа на младите македонски фудбалери над Шкотска
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ја продолжи серијата победи на гостински терен и по триумфите над Северна Ирска и Украина синоќа беше совладана и Шкотска со 1:0.
Со овој триумф, Македонија се проби на второто место во групата со ист број бодови како и Исланд, но и со натпревар повеќе. Со евентуални две победи на домашен терен во последните две кола нашата млада репрезентација ќе биде пласирана на едно од првите две места.
По стартната иницијатива на Шкотска, нашите фудбалери од првата посериозна шанса поведоа, а стрелец на голот беше Кире Маркоски во 18.минута. Избраниците на селекторот Благоја Милевски имаа целосна контрола на играта се до 34.минута кога поради повреда мораше да излезе Бесир Демири. Противникот стана равноправен и во неколку наврати опасно го загрози нашиот гол, но голманот Игор Алексовски одлично бранеше и спречи израмнување.




