Останато
Во недела ќе се трча Виз Ер Скопскиот маратон
Дванаесеттото издание на најпознатата и најмасовна спортска манифестација во нашиот град – Виз Ер Скопскиот Маратон 2016 ќе се одржи в недела, на 8 мај.
На денешната прес-конференција, што се одржа во просториите на Град Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на Виз Ер Скопски Маратон, Кире Синадиновски ги соопштија сите детали во врска со претстојната трка.
– Задоволство ми е да соопштам дека в недела, на 8 мај, на улиците на Скопје ќе истрчаат околу 7.000 маратонци и рекреативци од 46 земји и ќе го преплават нашиот град со позитивна енергија и спортски дух. Градот Скопје, организаторите и големиот број волонтери реализираат веќе интернационално афирмиран спортски настан на кој секоја година се пријавуваат се повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и од средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. За угледот и за реномето на Скопскиот маратон говори и податокот дека тој е важен и за исполнување на нормите за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри. За Скопје и за Република Македонија, маратонот има и културна, економска и туристичка димензија, толку потребна за афирмирање на имиџот на нашиот главен град и на нашата држава. И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија. Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 8 мај, да излезат во што поголем број, да им пожелат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме Денот на Европа на најубавиот можен начин – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.

